Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски го соопшти списокот на фудбалери за двата натпревари од квалификациите за ЕП 2020.

Дуелот против Летонија се игра на 21 март во Скопје на Градскиот стадион, а гостинскиот дуел со Словенија на програма е на 24 март во Љубљана.

Селекторот изјави дека тимот веќе е добро воигран и дека на секој натпревар ќе бара победа.

– Веќе соопштив дека нема да има големи промени во селекцијата. Мислам дека сме веќе добро воиграни, знаеме што сакаме и на секој натпревар ќе одиме на победа. Фокусот ни е првиот натпревар со Летонија, и ќе играме на тој меч да го добиеме и да ги стартуваме квалификациите со три бода, изјави Ангеловски на денешниот прес.

Тој додаде и дека Горан Пандев ќе го одигра 100-тиот јубилеен натпревар за селекцијата на Македонија против Летонија.

– Станува збор за најголемиот фудбалер од Македонија на сите времиња. Сигурно дека ние ќе го поздравиме, и очекувам и македонската публика да го поздрави овој јубилеј на Пандев, додаде Ангеловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2019 12:52