Младиот талент на Реал Мадрид, Виничиус Жуниор, откри дека од Барселона пројавувале многу сериозен интерес кон него, но тој го претпочитал „кралскиот“ клуб.
– Барса даваше повеќе, но јас го избрав Реал Мадрид заради подобриот проект. Марсело зборуваше сомене, Каземиро. Многу ми помогнаа, изјави 18-годишниот Бразилец во интервју за „Кадена СЕР“.
Тој се опоравува од повреда, добиена за време на кошмарниот пораз на „белите“ од Ајакс во реванш-дуелот од осминафиналето на ЛШ.
– Мојата состојба се подобрува малку. Работам внимателно во обид да се вратам што е можно поскоро. Кога се случи тоа, чувствував дека нешто се скрши. Се обидов да ја одиграм следната топка, но не можев, рече крилот на Реал.
Тој потоа проговори за Сантијаго Солари, кој му даде шанса да се манифестира во првиот тим, како и за неговиот наследник Зинедин Зидан.
– Солари беше првиот човек што ми веруваше и ми даде можност да играм на високо ниво. Зидан беше одличен играч, и сега тој е многу добар тренер. Ми претставува чест што тој е наш тренер, иако го гледав малку … Од видеата што сум ги гледал, тој е неверојатен, рече меѓу другото Виничиус.