Претседателот на францускиот фудбалски шампион ПСЖ – Насер Ал-Хелаифи, беше сослушан од судот во Париз во рамките на антикорупциска истрага, соопштија локалните медиуми. Истрагата, конкретно, се однесува на организацијата на Катар на Светското првенство во атлетика оваа година.

Насер Ал-Хелаифи бил сослушан од судот во средата во својство на сведок со специјален статус. Ова значи дека нема да биде обвинет за случајот во оваа фаза. Француското правосудство истражува и можна корупција при добивањето на организацијата на Рио де Жанеиро за домаќин на Летните олимписки игри во 2016 година и за Токио 2020.

Во 2016 година, весникот „Ле Монд“ соопшти дека катарската компанија „Орикс Катар Спорт Инвестмент“, која е инвестициски фонд, остварила два трансфери на 13 октомври 2011 година и на 7 ноември 2011 година на друга компанија – „Памоџи Спортс Консалтинг“ за сума од 3,5 милиони долари.

„Памоџи Спортс Консалтинг“ е специјализирана во спортски маркетинг и има врски со Папа Масата Диак, син на поранешниот претседател на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) – Ламин Диак.

Тој беше уапсен во Франција во ноември 2015 година поради криење на нарушувањата на антидопинг правилата од спортисти и се уште е во притвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2019 14:37