Фудбалската репрезентацијана Македонија вечерва го игра својот втор натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2020 на гости против Словенија.

Националниот тим успешно ги започна квалификациите, откако во четвртокот на Градскиот стадион во Скопје остварија победа со 3:1 над Летонија.

Селекторот Игор Ангеловски на пресот пред вечерашниот натпревар изјави дека во тимот владее одлична атмосфера по стартната победа против Летонците, како и дека се подготвени за претстојниот дуел. Репрезентативците вчера го одржаа официјалниот тренинг на стадионот во главниот град на Словенија.

Поради повреда на дуелот во Скопје против Летонија, од списокот за настап испадна Ферхан Хасани, а Ангеловски на негово место не повика друг играч.

– Имавме време да се одмориме и подготвени влегуваме во дуелот со Словенија. Го знам тимот што ќе истрча утре, но нормално нема да го кажам сега, затоа што тоа најпрво ќе им го соопштам на играчите. Наша интенција е да влегуваме во овој меч со истиот пристап како во изминатите три години. Од тоа што сме анализирале Словенија има добар среден ред и напад, а и опасни контра-напади. Но ние ќе излеземе на терен да си ја играме нашата игра. Се среќаваат две добри репрезентации и очекувам натпреварот да биде неизвесен. Имаме позитивна атмосфера и очекувам тоа да го матријализираме утре на терен, изјави вечерва Ангеловски синоќа.

Македонија е на чело на табелата во групата „Г“ со 3 поени и подобра гол-разлика од Полска, која во првото коло оствари минимална победа од 1:0 во дербито против Австрија.

Мечот се игра на стадионот „Стожице“ во Љубљана од 20,45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2019 12:49