Најдобрата македонска репрезентација одигра 1:1 против Словенија во натпревар од 2. коло од квалификациите за ЕУРО 2020. На пресметката на “Стожице” во Љубљана, Енис Барди погоди за реми на Македонија и четири бода по првите две кола од квалификациите.

Македонија имаше негатива по првите 45. минути кога Зајц со глава го матираше Димитриевски во 34 минута. Македонија со погодокот во 47 минута брзо се врати игра, имавме и шанси да поведеме, но нашата одбрана е таа која е најзаслужна за ремито 1:1.

Одиграа храбро нашите фудбалери во Љубљана каде конечните 1:1 се реален исход од она што го одиграа двете селекции во текот на целиот натпревар. Алиоски аситира, Барди го совлада Облак.

Алиоски украде топка од Стојановиќ во 47 минута, асистираше до Барди, а овој со удар од 15 метри го матира моќниот Јан Облак. Во првиот дел Барди и Пандев имаа супер шанси но и двајцата биеја над голот.

Егзон Бејтулаи беше вистинскиот потег на Ангеловски. Ја спаси нашата мрежа во 55 минута кога сите ја видоа топката во мрежата, Димитриевски беше паднат, но Егзон од самата гол линија спасува 2:1 за Словенија при ударот на Зајц од 5-6 метри. До крајот Словенија немаше вистинска прилика за погодок.

Македонската фудбалска репрезентација има добар старт во квалификациите за ЕП 2020. Имаме добри 4 бодови и сме при врвот на табелата на која само Полска е максимална. По победата над Летонија и денешниот бод на гости во Словенија се чини дек нашите момци ја исполнија зацртаната мисија. Никогаш не сме имале максимален старт со шест бода во ниту еден циклус, ќе беше добро да биде тоа сега но и вака треба да сме задоволни.

По првите две одиграни кола во квалификациите Македонија има четири бода. Во следното коло, кое на програмата е на 7 јуни, ќе играме на домашен терен против Полска.

Група „Г“:

1. Полска 6

2. Израел 4

3. Македонија 4

4. Словенија 2

5. Австрија 0

6. Летонија 0.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 01:49