Македонската фудбалска репрезентација до 19 години забележа победа и нерешено со Албанија на двата контролни натпревара кои се играа во Корча на гостински терен и на „Билјанини извори“ во Охрид.

На првиот натпревар одигран во неделата во Корча, кој заврши со резултат 1:1, Димитар Тодоровски беше стрелец на водечкиот гол за Македонија, Армандо Броја го постигна погодокот за Албанија.

Во вчерашната победата на „црвено-жолтите“ (2:1) на домашен терен во Охрид, Јетон Даути и Агон Елези беа стрелци на головите, голот за гостите е дело на Броја.

Селекторот Горан Станиќ изрази задоволство од прикажаното на двете средби.

– Задоволен сум од пристапот на фудбалерите и начинот на кои ги одигравме двата натпревари. Покажавме зрелост во играта и заслужено се изборивме за победа на едниот натпревар, иако немаше да биде незаслужено ако славевме и на дуелот во Корча. Албанија е силна репрезентација, со многу интернационалци во составот, но сепак ние бевме на висина на задачата, со дисциплина и цврстина во дуелите и натпреварот, изјави Станиќ за веб-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 13:31