Ливерпул веќе има изградено основа и време е да ја искористи, изјави менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп пред завршната фаза од англиското фудбалско првенство.
Тимот од „Енфилд“ е лидер на табелата со два бода пред Манчестер Сити и натпревар повеќе, а во Лигата на Шампионите ќе играат во четвртфиналето против Порто.
– Навистина сум задоволен. Токму за тоа разговаравме во последните години и за тоа се подготвуваме – за силна сезона, која ќе биде решена во последните недели. Се наоѓаме токму во нив и повеќе нема да има прекини. Веќе натпреварите доаѓаат еден по друг и секој нареден е се поважен. Од друга гледна точка, дел од нашите ривали во овој период се борат за квоти за ЛШ и нема да се предадат лесно, рече тој.
Во однос на учеството во ЛШ, тој вели дека од овој момент натаму, секој натпревар е финале
– Нема смисла да се зборува за нашето учество во Лигата на Шампионите, бидејќи од овој момент натаму секој натпревар е финале. Се надевам дека ќе останеме во турнирот што е можно подолго. Ние изградивме одлична основа и мислам дека е време да ја искористиме во наша полза, рече германскиот тренер.
Првиот ривал на Ливерпул во серијата натпревари до крајот на англиското првенство е Тотенхем, а Клоп ќе располага со речиси полн состав.
– Мило ми е што нашата група се собра повторно. Чекавме предолго. Убаво е да има малку одмор, но сепак во ситуација како нашата обично сакаш да продолжиш напред. Освоивме три натпревари во рамките на една недела и сите се чувствуваа како да можат да играат уште следниот ден по последниот меч. Сега момците се повторно тука и од четврток натаму ќе бидат подготвени за фудбал, додаде стратегот на Ливерпул.