Мароканскиот дефанзивец, Ашраф Хакими ќе ги пропушти сите натпревари на Борусија Дортмунд до крајот на сезоната, откако при прегледот денес беше утврдена скршена коска на стапалото.
Друг дефанзивец – Абду Диало, исто така, ќе биде надвор од теренот за одреден временски период, бидејќи има мускулна повреда, соопштија лидерите во Бундеслигата. Двете повреди отвораат сериозни проблеми пред тренерот Лисјен Фавр пред саботното супердерби како гостин на Баерн (Минхен).
Мароканецот, кој е позајмен од Реал Мадрид, се појави на теренот против Волфсбург во саботата во 49-тата минута. Но, веќе во 74-тата тој мораше да излезе поради повреда. Од Дортмунд прецизираа дека подоцна денес тој ќе се подложи на операција на метатарсалната коска во стапалото и нема да биде готов до крајот на сезоната.
Се уште не е јасно колку време ќе биде аут 22-годишниот Диало и колку сериозно е истегнувањето во бедрото.