Една од најзабележителните фигури во модерната историја на Милан – поранешниот извршен директор, Адријано Галијани, направи исклучително интересно признание за времето кога го водеше клубот.

Италијанецот беше категоричен дека ако во 1986 година имало регулатива како постојната во моментов за финансиски ферплеј, „росонерите“ никогаш не би можеле да го освојат трофејот од Лигата на Шампионите (Куп на европските шампиони) 5 пати.

Поранешниот сопственик на Милан, Силвио Берлускони го купи клубот во февруари предметната година и успеа да го одведе од состојба, која одеше кон банкрот, до врвовите на европската сцена. Проблемите токму со наметнатиот од неодамна финансиски ферплеј – какви што има дури и денес – го принудија медиумскиот магнат и политичар да го продаде клубот пред 2 години.

– Кога ќе го видам трофејот во Лигата на шампионите, веднаш се сеќавам за многуте убави години, петте триумфи и 8-те финалиња кои ги игравме. Ова се добри спомени и ми недостигаат овие времиња, сигурно. До денес, финансискиот ферплеј не функционира, треба да се смени. Ако го имаше во 1986 година, фановите на Милан никогаш немаа да ги доживеат тие радости што им се случија, изјави Галијани.

Според него, во тој период, фудбалските инвеститори ваделе пари од сопствен џеб.

– Сега можете да потрошите само колку што заработувате како приходи. Затоа истите тимови победуваат секоја година. Не можам да разберам зошто нов сопственик, кој има желба да инвестира, не може да го прави тоа заради овие рестрикции, додаде 74-годишниот Галијани.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 19:31