Натпреварот од француската Лига 1 меѓу Дижон и Амиенс беше привремено запрен, откако капитенот на гостите Гуано се пожали дека бил навредуван на расистичка основа.

Натпреварот беше запрен во 78-та минута, откако играчите од двете страни се насочија кон аут-линијата на стадионот, откако Гуано рече дека слушнал навреди од трибината зад голот. Играта беше обновена по дискусии меѓу играчите, тренерите и вработените, по што Гуано се приближи до местото, од каде доаѓаа навредите, и посочи кон толпата навивачи.

– Ние сме во 21-от век, тоа е неприфатливо. Го истакнав инцидентот, со тоа што ја сопрев играта, бидејќи денес сите сме еднакви. Се разбира дека има различни бои на кожата, но треба да се издигнеме над нив. Ние сите сме човечки суштества. Клучниот збор за мене е љубов. Треба да го сакате човекот до вас, изјави Гуано пред француската телевизија „Беин Спорт“. Натпреварот заврши 0:0, а од Дижон најавија дека ќе го истражат инцидентот.

Родениот во Париз фудбалер изјави во март дека сака да го носи дресот на Брегот на Слоновата Коска.

Претходно овој месец, италијанската ѕвезда во подем, Моис Кин стана предмет на расистички навреди во Каљари, откако постигна гол за својот клуб Јувентус. Тогаш неговиот клубски колега, Блејз Матуиди побара прекин на натпреварот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2019 12:26