Иницијативниот одбор составен од клубови од Првата и Втората лига, фудбалери, поранешни репрезентативци од националниот тим, судии, тренери и фудбалски работници, денеска на прес-конференција побара спроведување на Законот за спорт.

– Сведоци сме во последно време на негодувања дека Статутот на Фудбалската федерација на Македонија не е во согласност со Законот за спорт кој предвидува директно вклучување на клубовите во работата и одлучувањето на федерацијата. Ние сме тука затоа што сме загрижени поради тоа што оние кои инвестираат, вложуваат во фудбалот, а тоа се клубовите, немаат право да учествуваат и одлучуваат. Затоа ги повикуваме надлежните во државата доследно да го спроведат Законот за спорт и во Фудбалската федерација, изјави Игор Климпер, поранешен Генерален секретар на ФФМ.

Од името на, како што рече, поранешни репрезентативци, поддршка на иницијативата даде Бобан Грнчаров.

– Бараме да се вклучат луѓе кои работат во фудбалот, го разбираат фудбалот, а не некои анонимни лица, изјави Грнчаров.

Тој ги отфрли шпекулациите дека има амбиции да биде на чело на ФФМ.

Претставникот на Победа Прилеп, Миле Спиркоски информира дека иницијативата за промени во работата на ФФМ ја поддржуваат следниве клубови:

Победа, Брегалница Штип, Работнички, Беласица, Пелистер, Академија Пандев, Детонит јуниор, Кожув, Тиквеш, Плачковица, Каменица, Вардар Неготино, Скопје, Партизан и Борец.

Донесен е заклучок, да се побара од надлежен државен орган, во случајов Агенцијата за млади и спорт, да и наложи на ФФМ да го усогласи спорниот статут со Законот за спорт.

Тоа најверојатно би значело и ново Изборно собрание со нова делегатска листа на која мнозинство од 50+1 ќе имаат клубовите од Првата и Втората македонска лига.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2019 16:00