Ајнтрахт Франкфурт направи долгоочекуван потег во пресрет на втората четвртфинална битка со Бенфика во Лигата на Европа. „Орлите“ ја платија клаузулата во договорот на Лука Јовиќ, кој беше под наем на „Комерцбанк Арена“ токму од лисабонскиот гигант.

Дваесет и едно годишниот српски напаѓач беше со статус на позајмен од Португалците во Франкфурт од 2017 година наваму, а денес зделката за негов премин кај носителите на Купот на Германија беше официјализирана. Поранешниот играч на Црвена ѕвезда потпиша договор со Ајнтрахт до 30 јуни 2023 година.

– Развојот на Лука со нас е многу охрабрувачки. Немаше сомнение дека сакавме да го земеме трајно. Тој е играч со неверојатни вештини, а овој потег е исклучително важен како за нас, така и за него, го прокоментира договорот спортскиот директор на клубот, Фреди Бобич.

Јовиќ ја игра најсилната кампања како професионалец и во 40 натпревари за Ајнтрахт во сите натпреварувања има постигнато 25 гола и 7 асистенции (17 гола и 6 асистенции во Бундеслигата и уште 8 гола и 1 асистенција во Лига Европа). Вредноста на зделката не се пријавува во официјалното соопштение, но според непотврдени информации, станува збор за сума од редот на 7 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 18:18