Фудбалерот на Ливерпул, Џејмс Милнер изјави дека за прв пат во својот живот ќе биде фан на Манчестер Јунајтед барем за неколку часа. Вториот капитен на „црвените“ има предвид дека се надева „црвените ѓаволи“ да украдат поени од шампионот Манчестер Сити во среда вечер.

Градското дерби започнува во 21 часот по македонско време на 24-ти април. Ова е последната голема пречка пред „граѓаните“ во нивните завршни натпревари од сезоната во Премиер лигата, а се освен победа би го оставило Ливерпул на врвот на табелата.

Сити се наоѓа во серија од 10 последователни победи во првенството и ако ги освои сите средби до крајот, сигурно ќе ја одбрани титулата. Ливерпул – при сите победи до крајот – ќе собере 97 поени, и би останал на бод зад „небесносините“.

– За прв пат во својот живот ќе бидам фан на Манчестер Јунајтед, вели 33-годишниот Милнер.

Пред да премине во Ливерпул (2015), халфот помина 5 години во дресот на Сити.

– Искрено, не гледам такви натпревари. Ова значи трошење енергија затоа што сакате топката да ја видите во мрежата и така натаму. Не можам да направам ништо во врска со тоа. Можеби само ќе го исклучам телефонот за неколку часа и ќе го проверам по неколку часа. Три дуели остануваат до крај. Јунајтед ќе претставува предизвик за Сити, но клишето е во сила – нема лесен натпревар во Премиер лигата, без разлика против кого се соочуваме, додаде Милнер.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 19:58