Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри откри дека наредната недела ќе има средба со претседателот на клубот, Андреа Ањели, на која двајцата ќе дискутираат за иднината.
Во последните денови медиумите во Италија тврдат дека тренерот е пред разделба со клубот. Алегри сепак негираше дека подготвува заминување. Тој е амбициозен да продолжи да го води гигантот од Торино и дури зборува за „нов Јувентус“.
– Како и секоја година, и оваа ќе седнеме со претседателот и ќе анализираме се. Уште по елиминацијата од Ајакс му реков дека сакам да останам тука. Тој исто така ме увери дека останува на ставот да продолжам со работата тука. Двајцата се разбираме добро, бидејќи секогаш сме искрени еден со друг, а тоа е најважно. Јас планирам се, планот е во мојата глава веќе 6 месеци наваму. Ќе ги споделам идеите со него и заедно ќе одлучиме дали тие би се реализирале. Имам план за нов Јувентус, вели тренерот на „Старата дама“.
Тој ја завршува петтата сезона во клубот, а за овој период освои 11 трофеи и на два пати стигна до финалето во Лигата на Шампионите. Поради оваа причина, тој не разбира зошто е толку критикуван од страна на медиумите и навивачите.
– Се запрашав ова утро дали ми недостигаат неколку трофеи во текот на овие години? Едноставно ме вртат на ражен. На крајот на краиштата, сè е до резултатите, а во овие неколку сезони направивме одлична работа. Затоа сум среќен со она што е постигнато. Можеби сега расположението не е толку големо затоа што бевме елиминирани од ЛШ. Но, некои луѓе мислат дека освојувањето на предметниот турнир е лесно како да станеш шампион на турнир по фудбал на плажа во летниот одмор, додаде Алегри.