Денес е тажен ден за навивачите на Рома. Еден од симболите на тимот Даниеле Де Роси објави на официјалната прес-конференција дека ќе стави крај на 18-годишната кариера во римскиот клуб. 36-годишниот играч од средниот ред, призна дека не добил понуда за нов договор од страна на клубот и изјави дека не размислува да сопре со фудбалот. Де Роси чека понуди, а кога ќе се пензионира, откри дека ќе се оддаде на тренерската професија.
– Вчера ми беше кажано дека мојот договор нема да биде обновен. Имам 36 години и не сум глупав. Кога никој не се поврзува со тебе за да разговара за нов договор, тогаш сè е одлучено. Не сум разговарал со други тимови. Сè уште се чувствувам како фудбалер и сакам да продолжам. Ќе направам грешка, ако запрам со фудбалот. Не знам дали ќе останам во Италија, или пак ќе играм во странство, изјави Де Роси.
Тој рече дека би сакал да има уште некој освоен трофеј со клубот и додаде дека имал понуди во текот на годините да го напушти „Олимпико“.
– Ако имав волшебно стапче, во мојата витрина би ставил неколку трофеи. Нормално е да се прават грешки во текот на овие години. Имав можност да одам во други тимови за кои велеа дека победуваат повеќе од Рома. Мојата љубов кон клубот ќе продолжи во друга форма. Не исклучувам во наредните години да ме гледате со сендвич и пиво во некои од ложите, за да ги поддржувам своите пријатели, рече уште полудефанзивецот.
Во однос на тоа дека од клубот сакаат тој да стане директор, Де Роси одговори: Ќе ја оставам валканата работа на Тоти. Би сакал да станам тренер“.