Италијанскиот шампион Јувентус ја објави својата разделба со Масимилијано Алегри, а во италијанските медиуми почнаа шпекулациите со имињата на фаворитите за ослободениот пост.

На прво место е Пеп Гвардиола, кој неодамна ја освои титулата во Англија со Манчестер Сити. Сепак, според експертите во Италија, пристигнувањето на Пеп на „Алијанц“ стадионот е речиси невозможно, но слична беше и ситуацијата пред една година, кога никој не веруваше дека Кристијано Роналдо ќе се пресели во Торино од Мадрид.

Маурицио Почетино е другото име на врвот на листата. Аргентинскиот менаџер на Тотенхем сега не размислува за ништо друго освен за 1 јуни, кога ќе има можност да го крене Лондон на нозе, ако успее да ја освои Лигата на Шампионите против Ливерпул. Вреди да се забележи дека во договорот за Почетино има напишано 40 милиони евра во форма на клаузула за раскинување на договорот, што сигурно нема да биде проблем за Андреа Ањели.

Од вториот стартен ред во тренерската трка до Торино „напаѓаат“ Дидие Дешан и Симоне Инзаги. Французинот би бил на свој терен кај „црно-белите“, откако беше дел од тимот на Марчело Липи во 90-тите години, а во сезоната 2006/2007 ја освои Серија „Б“ како ментор на тогашните „зебри“. Сепак, Дешан се чини дека е врзан за репрезентацијата на Франција, а Француската фудбалска федерација тешко ќе го пушти селекторот, кој ја освои светската титула пред една година.

Во исто време, братот на Филипо Инзаги изгледа најреална опција. На Апенините дури и предвидуваат дека „брак“ меѓу Симоне и „Старата дама“ е сосема можен. Поранешниот напаѓач сериозно ги крена своите акции, освојувајќи го Купот на Италија во средата со неговата голема љубов Лацио.

Можна опција за клупата на Јуве изгледа и стариот познаник Антонио Конте, кој е на одмор, откако во 2018 година се раздели со Челзи. Актуелниот менаџер на лондонскиот тим Маурицио Сари пак е шестото име во листата. Стратегот, кој никогаш не бил професионален фудбалер, има пред себе финале во Лига Европа со „сините“ против Арсенал. Не е исклучено, сепак по крајот на сезоната, Неаполитанецот да фати авион за Италија со билет во еден правец.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2019 17:31