Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини по завршувањето на натпреварувачката сезона 2018/2019 упати честитки до Шкендија по повод освојувањето на титулата во Првата лига, и до Академија Пандев за освојување на Купот.
– Ве молам примете ги моите најтопли честитки за остварените резултати сезонава во македонската фудбалска лига. Изразувам најсрдечни желби до сите фудбалери, тренери, техничките и медицинските лица, како и до сите навивачи, бидејќи секој дел од организацијата несомнено е инструмент во победата на својот клуб.
Шкендија го потврдува квалитетот веќе неколку години, а тоа е плод на добрата работа на стручниот штаб, одличната селекција и квалитетното раководство. Им посакуваме многу среќа и со еднаков жар како и досега да го претставуваат својот дрес и македонскиот фудбал во Европа. Академија Пандев воодушеви многумина со постигнатите резултати сезонава и освојувањето на Купот во нашата држава. Убеден сум дека и во иднина неуморно ќе работат на создавање нови таленти, нешто што претставува визија на клубот и не се сомневам дека од тоа голема корист ќе има и македонската репрезентација, се вели во дел од честитката на Сејдини.
Првиот човек на ФФМ успех им посака на сите македонски претставници во евро-куповите, а честитки за прволигашкиот пласман упати и до Борец Велес и Струга Трим Љум.