Фудбалската федерација на Македонија денес преку својата официјална веб-страница објави дека е продолжена соработката со селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски до декември 2020 година.

Досегашниот договор на Ангеловски беше со важност до ноември оваа година.

– Со постигнатите резултати во изминатиот период Игор Ангеловски апсолутно ја оправда нашата доверба и го потврди вистинскиот избор на Управниот одбор на федерацијата. Постигнатиот договор за продолжување на соработката сведочи дека имаме заеднички интерес, а тоа е успех на македонската репрезентација. Јасно е дека добриот резултат е единственото мерило за успех и искрено се надевам дека ќе продолжиме во таа насока, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Ангеловски ја предводи македонската репрезентација од октомври 2015 година. Нашиот најдобар национален осигура полуфинале во Лига на нации на УЕФА, а во тековните квалификации за пласман на ЕУРО 2020 освои четири бода по првите два натпревари.

За мене репрезентацијата е многу повеќе од селекторско место. Нема ништо посвето од тоа да го водиш националниот тим, а уште повеќе кога работиш со вакви фудбалери и соработници. Задоволен сум од она што го постигнавме во изминатиот период, но секогаш се стремиме кон подобро. Следните предизвици ќе бидат уште потешки, но верувам во себе и во квалитетите на фудбалерите. Тие се најзаслужните за резултатите и се надевам дека заеднички на крајот ќе ја оствариме толку посакуваната цел и ќе славиме пласман на големо натпреварување, изјави Ангеловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2019 13:52