Една од големите ѕвезди на Тотенхем – Кристијан Ериксен, навести за разделба со лондонскиот тим, откако изјави дека сака да проба нешто ново во кариерата.

– Чувствувам дека се наоѓам во таков момент во кариерата, во кој можеби сакам да пробам нешто ново. Се надевам во текот на летото се ќе се разјасни. Тоа е планот. Во фудбалот никогаш не знаеш кога ќе станат јасни нештата. Ова може да се случи во секое време. Најдобро за сите би било ако се случи што е можно поскоро, но во фудбалот за овие работи треба време, изјави халфот.

Данецот, кој е поврзуван за трансфер во Реал Мадрид, сепак, истакна дека неговата иднина зависи од претседателот Даниел Леви и додаде дека, колку што знае, се уште од „Сантијаго Бернабеу“ не е пристигната понуда за него.

– Зависи од Даниел Леви. И од тоа да дојде друг клуб. Или треба да седнеме и да се разбереме за нов договор. Не можете да си поставите краен рок за овие работи. Ако си заминам, се надевам дека ова е чекор напред. Евентуален трансфер во Реал Мадрид би бил таков чекор напред. Но за тоа од Реал треба да се јават на Тотенхем и да кажат дека ме сакаат. А колку што знам, тоа досега не се случило. Тешко е, зависи од многу нешта, смета Ериксен.

Сепак, играчот од средниот ред не ја отфрли можноста за потпишување на нов договор со „петлите“.


Ериксен: Време е да се обидам нешто ново, трансфер во Реал ќе биде чекор напред

– Ако ништо поинтересно не се појави, зошто да не останам во Тотенхем? Дали ќе потпишам нов договор, зависи и од условите, изјави тој пред данскиот „Екстра Бладет“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2019 14:32