Долгоочекуваниот трансфер веќе е факт: Реал Мадрид официјално го објави привлекувањето на Еден Азар од Челзи. Договорот на Белгиецот со „кралскиот клуб“ е за 5 години. Повеќе детали не се откриени, но според медиумите, договорот вреди 100 милиони евра, а кон оваа сума се предвидени и разни бонуси.

Претходно денеска, официјалната продавница Реал почна да ги продава дресовите на Азар со бр.7, што беше јасен сигнал дека објавувањето на трансферот е прашање на часови.

Во четврток, 28-годишниот фудбалер ќе биде претставен на „Сантијаго Бернабеу“. Претходно, тој ќе ги помине медицинските прегледи.

Азар во неколку наврати призна дека сака да игра за Реал Мадрид и сега ќе може да го исполни својот сон. Пред тоа, „белите“ веќе се засилија со Едер Милитао од Порто и Лука Јовиќ од Ајнтрахт (Франкфурт).

Белгиецот се проби во големиот фудбал со тимот на Лил, а во 2012 година потпиша со Челзи. Со „синиот“ дрес од Лондон, тој забележа вкупно 352 натпревари и постигна 110 гола. Азар има две титули со Челзи во Премиер лигата, го освои ФА Купот и Лигата Купот, а двапати беше шампион и на Лига Европа.

За репрезентацијата на Белгија крилото има 100 натпревари и 30 гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2019 00:05