Во рамки на одбележувањето на 74-годишнината од загинувањето на борците во народноослободителната борба во текот на Втората светска војна, во селото Мородвис, Општина Зрновци, беше откриено ново спомен обележје посветено на жртвите од овој регион.
Иницијативата за изградба на споменикот што ја дадоа членовите на Здружението на борците од Кочани, беше позитивно оценета и прифатена од локалната самоуправа и од Советот на Зрновци, а се реализираше со средства од општинскиот буџет.
-Иако споменикот го изградивме со поголема временска дистанца од загинувањето на нашите соселани, сметам дека никогаш не е доцна да им се оддаде признание на луѓето кои ги дале своите животи за денешната слобода. Повеќемина жители на Мородвис се приклучиле на партизанското движење за ослободување на просторите на идната заедничка држава Југославија, при што во завршните борбени операции најголем дел од нив отишле на Сремскиот фронт каде и загинале. Сепак, нивниот сон за протерување на поробувачите се оствари, а македонскиот народ конечно доби своја слободна територија, истакна Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Автор на ликовното решение на кое се претставени ликовите на загинатите борци, вметнати во картата на денешна Северна Македонија, е Дачо Николовски, професор во Средното уметничко училиште во Скопје. Обележјето се наоѓа во спомен паркот во Мородвис што беше изграден пред четири години.