Во Пехчево заврши тридневниот Интернационален семинар за фудбалски тренери. На семинарот главен предавач беше искусниот шпански стратег Фран Алонсо, кој на тема „Учиме од шпанскиот фудбал“ како ученик на врвната шпанска школа, имаше можност на учесниците да им пренесе дел од своето богато фудбалско и тренерско искуство како дел од повеќегодишната своја работа со врвни тренерски имиња, како Маурсио Почетино, Роналд Куман, Семи Ли и Сем Алардајс.
Правејки паралела, меѓу англискиот фудбал каде работеше речиси една деценија и шпанскиот, кој владееше со Европа и со светот на изминатите неколку големи натпреварувања, Алонсо истакна дека пристапот во играта отсекогаш играл клучна улога во фудбалот.
– Разликата е во интензитетот во играта и во пристапот кон фудбалската игра. Во Англија, интензитетот е максимален, акцентот е секогаш ставен на огромен број спринтови, беспрекорна физичка подготвеност и стратегија секогаш да се нападне противничкиот гол. Тоа изминатата сезона даде огромни резултати, видовме дека англиски клубови играа во финалето на Лигата на шампионите. Шпанската филозофија е поинаква. Ако за Англичаните, силата е во нозете, во Шпанија се вели – фудбалот се игра со мозок. Важен е поседот на топката и идејата да не се троши премногу сила, туку низ игра со топка да се создаде шанса за гол, објаснува Фран Алонсо.
Една деценија е дел од англискиот фудбал и меѓу тренерите за него неприкосновен е Маурисио Почетино.
– Тој е неверојатен, има огромно знаење, но и секогаш владее со ситуацијата, го има тимот под контрола. На тренинзите работи со огромен интензитет, бара многу од фудбалерите, но и тие му враќаат со одлични игри на теренот. Минатата сезона го загуби финалето во Лигата на шампионите, јас сум уверен дека ќе го освои трофејот во наредните две – три сезони, без разлика кој тим ќе го води, истакнува Фран Алонсо.
Ваквите семинари, како што посочува Алонсо, се одлична можност да се сподели досегашното искуство и да се научи нешто ново.
– Можам да го дополнам насловот на семинарот дека и Шпанците учат од македонскиот фудбал. Во денешниот глобален свет, секогаш може да се научат некои нови моменти, кои потоа ни користат на сите во работата. Имаме прекрасен семинар, мислам дека научивме многу, вели Алонсо.
Mеѓу останатите тренерски имиња на семинарот учествуваа и УЕФА лиценцираните фудбалски тренери Роберто Родригез Санчез, Пабло Доминго, Карлос Касиљас и Пабло Ордоњес.