Како што се очекуваше, Филип Коку беше назначен за менаџер на Дерби Каунти, наследувајќи го Френк Лампард, кој премина во Челзи.

Договорот на 48-годишниот стратег е за 4 години, а на „Прајд Парк“ тој ќе ги земе со себе долгогодишните помошници Туан Шеперс и Крис ван дер Верден. Тој ќе се приклучи на „овните“ во Флорида, каде што тимот е на 10-дневен камп.

Коку беше без работа од минатиот октомври, кога неговата авантура на чело на Фенербахче заврши прилично брзо и безславно. Пред тоа сепак, тој го изведе ПСВ до 3 титули на Холандија.

Од Дерби го направија свој приоритет поради вештината да работи и развива млади играчи, а и се зборува дека ќе добие сериозни средства, за да го засили тимот во стремежот повторно да влезе во Премиер лигата, откако во мај тимот го загуби финалето на плеј-офот и не успеа да се врати во елитата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2019 14:50