Извршниот директор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге објасни што се случува со најголемата трансфер цел на клубот – Лерој Сане.

– Ситуацијата кај Лерој е таква што тој се враќа оваа недела од одмор. Тој не сакаше да води разговори пред тоа, не сакаше да размислува за својата иднина. На сите им е јасно дека ние бараме крило, подготвени сме. Дали работите ќе излезат според планот, треба да почекаме, рече легендата на германскиот фудбал.

Пред неколку дена најтиражниот европски весник „Билд“ излезе со материјал дека Сане не сака да премине во Минхен, бидејќи бил игнориран од Баварците во времето кога го носеше дресот на Шалке.

– Баерн е добра дестинација за играчите, бидејќи имаме прекрасен град, прекрасен стадион. Но трансфер сумите денес се различни, додаде Румениге, кој призна вчера дека очекува домино ефект во Европа, за да може германскиот гигант да оствари голем трансфер.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2019 14:12