Врз основа на искажаниот интерес од ФК ,,Каменица Саса” од Македонска Каменица за натпреварување во второлигашката конкуренција за сезоната 2019/2020, Комитетот за итност при ФФМ донесе одлука, оваа екипа да биде 10-тиот член на Втората Македонска Фудбалска Лига – Исток, за претстојната сезона. Како главна причина, за ова од ФФМ, се наведува исполнување на критериумите за лиценцирање од страна на клубот.
-Оваа одлука не е донесена само заради интересот на клубот, туку е донесена бидејќи се исполнети сите критериуми за ФК ,,Каменица Саса” да се натпреварува во лигата, а тоа се спортските, административно-правните, инфраструктурните и финансиските критериуми согласно барањата за лиценцирање, се вели во соопштението на ФФМ.
Со тоа, како што потврдија од клубот, Македонска Каменица и официјално и годинава ќе има претставник во ова натпреварување.
-Не чека огромна работа и многу мудри одлуки, а ќе ни треба силна желба, голема поддршка и верба во позитивни резултати, се вели во кратката изјава на раководството на ФК ,,Каменица Саса”.
ФК ,,Каменица Саса” минатата година беше последно пласирана во ова натпреварување и во новата сезона требаше да се натпреварува во третото по ранг натпреварување во источниот регион.
Откажувањето на неколку екипи кои обезбедија пласман во вторологашкото друштво, резултираше екипата од Македонска Каменица повторно да добие место во второто по квалитет, фудбалско првенство во Македонија.