Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди даде јасно предупредување до раководството дека ако не биде продаден, ќе ги исполни последните две години од договорот со „нероазури“.
Спортскиот директор Џузепе Марота во неколку наврати објави дека тимот нема да смета во иднина на Икарди и Ража Наинголан. Клубот активно бара купувачи за двајцата.
Претходно оваа недела, аргентинскиот напаѓач беше испратен од кампот на Интер во Лугано. И покрај изјавата на италијанскиот клуб дека одлуката е донесена взаемно, медиумите на Апенините објавија дека играчот не ја прифатил ситуацијата добро.
– Ќе останам тука 2 години, ќе ја добијам мојата плата и нема да одам никаде, изјави Икарди пред локален весник.
Таквиот развој може сериозно да влијае на плановите за „нероазурите“ да го привлече напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ромелу Лукаку.