Новиот напаѓач на Реал Мадрид, Лука Јовиќ, напиша материјал за платформата „Плејерс Трибјун“. 21-годишниот српски репрезентативец премина на „Сантијаго Бернабеу“ од Ајнтрахт (Франкфурт), а „белите“ платија околу 70 милиони евра на своите колеги од Германија за да го обезбедат неговиот потпис.
– Понекогаш мислам дека така сум роден. Секој има талент во животот, и мислам дека тоа е мојот – да постигнувам голови. Не знам како всушност заиграв како напаѓач, но се сеќавам дека секогаш сум бил опседнат со желбата да постигнувам голови, вели Јовиќ, кој е најмлад играч кој постигна 5 гола во натпревар од Бундеслигата.
Поранешниот фудбалер на Црвена звезда и Бенфика постигна пет пати против Фортуна (Дизелдорф) минатата сезона во германската елита.
– Кога бев млад, имав две видеокасети со сите голови на светски првенства – од секое до тоа во 2006 година. Бев воодушевен од Роже Мила од Камерун во 1990 година, како и Роналдо, оригиналниот Роналдо, додаде Јовиќ.