Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ромелу Лукаку, ја пропушти втората летна контролна на тимот откако не влезе во натпреварувачката група за мечот со Лидс (4-0). Ова е уште еден сигнал дека деновите на Белгиецот како фудбалер на „црвените ѓаволи“ се одбројани.
Интер е тим кој најсериозно го сака 26-годишниот фудбалер. Тој, пак, не беше дел од составот на Оле Гунар Солскјер кој победи со 2-0 над Перт Глори во првиот пријателски натпревар на неговиот тим од подготовките. Тогаш официјалната верзија беше дека отсуството се должи на удар,добиен на тренинг.
Според белгиски новинари, Јунајтед веќе чека Интер да се врати со нова понуда за напаѓачот. Шпански „AC“ тврди дека „нероазурите“ веќе се согласиле да ги платат бараните 80 милиони евра. Во исто време, сепак, „Скај Италија“ го задржува ставот дека италијанскиот гигант нема намера да плати повеќе од 60 милиони евра.