Веќе поранешниот напаѓач на Ливерпул, Даниел Стариџ беше казнет со 75.000 фунти и е со запрени натпреварувачки права за шест недели, откако беше прогласен за виновен од Фудбалската асоцијација на Англија за кршење на правилата за обложување.

Казната на поранешниот англиски репрезентативец стапува на сила на 17 јули, но четири недели ќе бидат одземени за соработката што ја дал во текот на истрагата. Ова значи дека тој ќе биде во можност да продолжи да игра на 1 август, иако во моментов нема тим.

Против Стариџ беа поднесени вкупно 11 обвиненија во врска со издавање на незаконски трансфер информации во јануари 2018 година. За 9 од овие обвиненија поранешниот играч на Манчестер Сити и Челзи беше ослободен, но за две од нив беше прогласен за виновен.

Стариџ го принудил својот брат Леон да се обложи дека ќе оди во Севиља, но на крај не го стори тоа, и тој замина на заем во Вест Бромвич Албион.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2019 15:57