Фудбалерите на Кит-Го од Пехчево го одиграа најавениот пријателски натпревар против новиот прволигаш Борец. Во интересна фудбалска пресметка, домаќините загубија со 1-3, но како што велат од стручниот штаб и покрај поразот, тимот не разочарал со играта со што се реализира зацртаното за постепено темпирање на формата за стартот на новиот шампионат.

-Стрелец на погодокот за Кит-Го беше Бошко Ступиќ, а во првиот дел нашиот тим ја погоди и гредата од противничкиот гол. Борец по првиот дел имаше водство од 2-1, со головите на Роберт Коцев и на Симеон Христов, а во вториот дел погоди и Стефан Богдановски. Се на се, задоволни сме од прикажаната игра на нашите првотимци и се надеваме дека во следните натпревари ќе постигнеме повеќе голови, велат од стручниот штаб на пехчевци.

Додаваат, дека екипата подготовките ќе ги продолжи со одигрување на уште пријателски натпревари пред почетокот на сезоната во второлигашката конкуренција.

Следниот контролен натпревар екипата на Кит-Го од Пехчево ќе го одигра во четврток на 1 август, кога во Гевгелија и гостува на екипата на Кожуф.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2019 12:58