Една од навивачките фракции на Интер „Курва Норд“ го прокоментира скандалот изминатиов викенд со манифестација на расизам кон новото засилување на тимот, Ромелу Лукаку, од страна на фановите на Каљари .

Фановите веруваат дека мајмунските звуци, насочени кон Белгиецот, не биле наменети за да го нападнат.

Групата наречена „L’ Urlo Della Nord“ соопшти дека напаѓачот„мора да разбере дека во Италија навивачите имаат свои начини да ги „поддржат своите тимови“ и да ги „вознемируваат своите противници“. Затоа, тие не мислат дека навивачите на Каљари го нападнале Лукаку на расистичка основа.

Еве што напиша фракцијата на својата официјална страница:

„Здраво, Ромелу, ние ви пишуваме во име на „Curva Nord“. Да, точно, оние кои ве пречекаа при вашето пристигнување во Милано. Многу ни е жал што мислите дека она што се случи во Каљари е расизам. Мора да разберете дека во Италија овој проблем не е од толку висок профил како и во многу други земји во северна Европа. Ние разбираме дека можеби изгледаше расистички, но всушност не е“, велат навивачите.

„Во Италија имаме свои „начини“ да „помогнеме“ на нашите екипи и да се обидеме да ги вознемириме нашите противници, да не ги нападнеме на расистичка основа, туку да ги пореметиме ментално“, се вели во соопштението.

„Во нашата група има ммногу различни етникуми и секогаш сме прифаќале играчи од целиот свет. Сепак, ние го користиме „овој начин“ против противничките играчи и најверојатно ќе го користиме во иднина. Ние и навивачите на Каљари не сме расисти“, додаваат оттаму.

Мислењето на навивачите е во спротивност со она што се коментира последниве денови во Италија дека борбата против расизмот треба да започне уште од раното детство во училиште. Според некои, навивачите се однесуваат различно внатре и надвор од стадионот.

Ромелу Лукаку се обрати до италијанската фудбалска федерација за итна акција против нападите против темнокожите играчи.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2019 20:30