Аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин изјави дека би сакал својата кариера да ја заврши во својот матичен клуб Ривер плејт. Иако сега е член на голем клуб како Јувентус, популарниот „Пипита“ не крие дека размислува за враќање во татковината.
Договорот на Игуаин со „старата дама“ истекува за две години.
„Не затворам ниту една опција. Најдраг клуб ми е Ривер, и навивачите на Ривер ми се омилени. Постојано ги гледам натпреварите на Ривер, мило ми е што им оди добро“ – изјави Игуаин, ко осум години беше член на академијата на славниот клуб од Буенос Аирес, а кратко играше и за првата екипа, пред да се пресели во Реал Мадрид.
Во Европа, освен за Реал, Игуаин играше и за Наполи, Милан и Челзи, а сега е во италијанскиот првак Јувентус.