Целиот приход од продадените влезници од денешениот фудбалски натпревар Тетекс-Зајас во Тетово ќе се донира во хуманитарна цел, информираат од тетовскиот клуб. Натпреварот се игра денеска од 16 часот на фудбалското игралиште на спортскиот центар во Тетово, а влезницата ќе чини 100 денари.
– Средствата што ќе се соберат ќе се донираат за нашата сограѓанка Елизабета Јовановска, која боледува од карцином и е во тешка финансиска состојба. Апелираме што повеќе публика да дојде и да не бодри, а воедно да се соберат средства за помош за лекување на Елизабета, изјави капитенот Марјан Билбиловски.
Дуелот Тетекс-Зајас е во рамки на второто коло од Третата лига-запад. Во првото коло Тетекс на гостување во Кичево го совлада Напредок со 4-1.