Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски смета дека неговите избраници имаат квалитет да се борат за врвот на табелата во квалификациската група за евро-шампионатот 2021.

– Со исклучок на Шпанија, сите останати селекции ќе бидеме во борба за второто место, а зошто да не и прво ако ни се укаже шанса. Противниците со кој ќе се соочиме на претстојните натпревари се квалитетни, но сега мислиме само на Црна Гора, а потоа на Казахстан. Одиме чекор по чекор, тоа е нашата филозофија, одиме да ја победиме Црна Гора. Противникот е квалитетен, физички се силни, играат цврст фудбал, технички дотеран. Поголем дел од нивните фудбалери се од домашното првенство, кое од година в година е сè посилно. Но сме одиграле неколку пријателски натпревари со нив и знаеме што не очекува. И покрај победата од 7:1 над Фарски Острови цврсто стоиме на земја, истакна Милевски.

Против Црна Гора, македонската репрезентација ќе игра на 10 октомври, додека со Казахстан ќе се соочи пет дена подоцна.

Двете средби се од квалификациите за Европското првенство 2021 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2019 20:11