Дисциплинската и етичка комисија на УЕФА на 17 октомври ќе одлучува дали ќе им изрече казни на Манчестер сити и Динамо Загреб, клубовите чии навивачи за малку ќе се степаа за време на натпреврот помеѓу овие клубови од Лигата на шампионите во фудбал.
Околу 2.000 хрватски навивачи беа на стадионот „Етихад“, а некои од нив се кошкаа и туркаа со редарите, но не дојде до поголема тепачка. Навивачите на Динамо кршеа столчиња кои потоа ги фрлаа кон трибина со фанови на Сити, а и Англичаните возвратија со фрлање на тврди предмети на терен.
Проблем на Динамо може да му направат и сликите на кои се гледа нивен навивач како отпоздравува со нацистички поздрав.
Истрага се води и против Олимпијакос, за истакнување на расистички транспарент од страна на нивните навивачи во Белград.