Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски најави бескомпромисна борба на неговите избраници на утрешниот дуел со Словенија во квалификациите за ЕУРО 2020.
– На терен ќе излезат 11 фудбалери подготвени за игра, за борба, тоа што сите го посакуваме. Не се сомневам дека секој кој ќе добие шанса да биде на теренот, ќе го даде максимумот. Во овој момент размислуваме само на Словенија. Не се осврнуваме на табелата, туку сме фокусирани на мечот. Не сум човек што калкулира. Одиме на гол повеќе од ривалот, како што пристапуваме на секој наш натпревар. Имаме две отсуства, за нас тоа е проблем, но ќе најдеме решение. Размислувам од меч во меч, прво Словенија, а потоа Полска, изјави селекторот Ангеловски на денешната прес-конференција.
Капитенот Горан Пандев кажа дека расположението во репрезентацијата е на високо ниво и дека тој и неговите соиграчи со нетрпение го очекуваат мечот.
– Сите сме желни да го дадеме максимумот и да докажеме дека оваа генерација заслужува да игра на големо натпреварување. Ако Словенија се надева дека може да биде втора, можеме и ние. Не гледам во кој дел на теренот Словенија е подобра од нас. Очекувам голема поддршка од трибините. Се надевам дека ќе дојдат луѓето што не сакаат. Не бараме којзнае каква бројка, само да добиеме вистинска поддршка од луѓе што ја сакаат репрезентацијата на Македонија, изјави капитенот Горан Пандев.
Средбата на Националната арена „Тодор Проески“ меѓу селекциите на Македонија и Словенија се игра утре со почеток во 20:45 часот.