Македонскиот репрезентативец Агрон Руфати смета дека утрешниот дуел против Казахстан нема да биде воопшто лесен.
„Црвено-жолтите“ предводени од селекторот Благоја Милевски имаат максимални шест бодови по домашниот триумф со Фарски Острови од 7:1 и победата во Подгорица против Црна Гора од 2:1 во првите две квалификациски рунди за пласман на Европското првенство 2021 за играчи до 21 година.
– Ги оставаме зад нас првите два натпревари во кои остваривме две победи. Секогаш е специфично да се добие натпревар против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан воопшто не е наивна репрезентација, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мораме да бидеме многу внимателни и добри во дуелите доколку сакаме победа. Наше е да го одиграме тоа што го бара селекторот, а доколку успееме во тоа, мислам дека сме на прав пат, изјави Руфати за веб-страницата на ФФМ.
Натпреварот се игра утре со почеток во 14:30 часот во Скопје.