Реал Мадрид се наоѓа во мини-криза, но тоа воопшто не го загрижува тренерот Зинедин Зидан. Французинот беше критикуван за лошиот настап против Мајорка во текот на викендот, како и за лошиот настап на првите два натпревари во Лигата на шампионите, откако белиот тим си замина со само еден бод. Утре, рекордерот по трофеи гостува на Галатасарај и нема право на грешка.

– Сакам доживотно да останам во Реал. Но, треба да прашате друга личност за ова, рече Зизу, осврнувајќи се на претседателот Флорентино Перез.

Менторот ги донесе „Лос Меренгес“ до три последователни триумфи во ЛШ, но сега не размислува за тоа.

– Она што го сторивме претходно останува во минатото. Во фудбалот, никој не се сеќава на она што сте го постигнале, туку гледа што правите токму сега. Нема да кажам дека не обрнувам внимание на она што го велат луѓето за мене, затоа што навистина сум заинтересиран. Не знам дали сега можам да загубам многу при пораз од Галатасарај. Сè што знам е дека утрешниот резултат нема да смени ништо, затоа што на следните натпревари ќе треба да играме за трите бода. Свесен сум дека секогаш ќе има тензија. Но, животот е таков – не секогаш може да играте добро и да победувате, но мора да покажете карактер. Но, овој пат убеден сум дека ќе направиме многу силен натпревар, додаде Зидан.

Дуелот во Истанбул започнува од 21:00 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2019 22:04