Околу 80 странци, кои заради коронавирусот со недели беа во карантин во Пјонгјанг, конечно ја напуштија Северна Кореја.

Тие од земјата заминале со авион на компанијата „Ер Корио“ за Владивосток, во Русија, што беше првиот комерцијален лет од Северна Кореја во последниот еден месец, јави Би-Би-Си.

Меѓу нив биле дипломати од Германија, Русија, Франција, Швајцарија, Полска, Романија и Монголија, соопшти руската Амбасада во Северна Кореја на својот Фејсбук профил.

Претходно, во февруари и март, тие биле во карантин во своите домови во Пјонгјанг.

Русија наведува дека на дипломатите им издала влезни визи за да може да слетаат во Владивосток. Засега останува нејасно како тие ќе се вратат во своите матични држави.

Британскиот амбасадор во Северна Кореја, Колин Крукс, рано утринава на Твитер напиша дека му е жал што мора да им каже збогум на своите колеги од германската и француската амбасада.

Крукс додаде дека другите амбасади привремено се затворени, но дека британската ќе остане отворена.

Северна Кореја во текот на оваа година во карантин стави стотици странци, меѓу кои најмногу дипломати и друг персонал, за да го запре ширењето на коронавирусот.

Засега во Северна Киреја нема регистрирани случаи на коронавирус, иако некои експерти се сомневаат во тоа, бидејќи земјата се граничи со Кина, во која вирусот се појави кон крајот на минатата година, како и со Јужна Кореја, во која веќе има голема епидемија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2020 13:15