Со ремито 1-1 на гостувањето во Стразбур, фудбалерите на ПСЖ синоќа ја освоија рекордната 11. шампионска титула во Франција, а Аргентинецот Лионел Меси изби на чело на вечната листа најдобри стрелци во петте најсилни лиги во Европа.
Меси го доведе ПСЖ во водство во 59. минута што за Аргентинецот беше 496. гол севкупно во француската Лига 1 и шпанската Ла Лига.
Поранешниот фудбалер на Барселона сега на вечната листа најдобри стрелци во првенствата во Шпанија, Франција, Англија, Италија и Германија, има постигнато еден гол повеќе од Роналдо, кој 495 пати ги тресеше мрежите настапувајќи за Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус.
Одбраната на шампионската титула во француското првенство, воедно, на Меси му го донесе 43. трофеј во кариерата со што го израмни рекордот на најтрофејниот фудбалер на сите времиња и негов поранешен соиграч во редовите на Барселона, Дани Алвес.