Поранешната главна преговарачка на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири побара од премиерот Албин Курти да објасни како е можно Косово, кое беше нападнато од Србија, да биде казнето со санкции од Европската Унија и опоменато од Соединетите Американски Држави, додека Србија која е агресорот, останува неказнета, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за порталот „Економија онлајн“, Тахири вели дека останува на Владата да даде официјално објаснување пред народот зошто Косово се уште е под санкции.

Таа го критикува премиерот Курти и за раскинувањето на односите со САД, затоа што не се координирал однапред со нив за одлуките што ги донел, при што, според неа, Курти со овие однесувања излегол со антиамерикански став, нанесувајќи и штета на државата.

„Првата работа е дека бевме нападнати во Бањска од агресорот Србија, а што ни се случи? Косово беше казнето, Србија не беше казнета. Обврска на Курти и владата е да излезат и да му објаснат на народот на Косово како се случи да бидеме ем нападнати ем казнети, додека Србија нé нападна и остана неказнета. На Курти е да го даде ова официјално објаснување пред народот на Косово. Втора работа е дека Курти ги расипа односите со Америка со тоа што не се координира за ниту едно од оние мали прашања што ги имаше, ниту за регистарските таблички, ниту сега за динарот, потоа тука е прашањето за изборите на север кои беа легални, но не беа легитимни“, рече Тахири.

Според неа, Курти морал добро да се координира со американските партнери, бидејќи „Американците се тие што Косово го направија држава“

„Требаше да се координира. Тој излезе со антиамерикански позиции за кои не знам зошто ги зазеде. Но, секако дека тие се штетни за косовската држава“, рече Тахир, нагласувајќи дека „е добро е што Америка јасно стави до знаење дека не е ‘скарана’ со косовскиот народ, туку се ‘скарани’ со владата на Косово“.

Таа вели дека „Американците прават сојузи со големите“, а не со малечките, додека, според неа, во овој случај „Курти е малечок“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2024 17:54