Предизборниот штаб на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп испратил неколку писма до Тајната служба во кои се наведуваат предлози за негова воена заштита кои се без преседан во историјата на САД, објави „Вашингтон пост“.
Штабот предложил дополнителна заштита на личниот авион на Трамп со придружба на воени ловци. Потоа, се бара забрана за летови над резиденциите на Трамп и над местата каде се одржуваат митинзите, како и тоа да се обезбеди непробојно стакло за заштита на подиумот на митинзите во седум клучни држави, и да се дадат на служба оклопни возила за транспорт на кандидатот.
- Овие безбедносни мерки за еден претседателски кандидат се без преседан во историјата на САД и се засноваат на информации добиени од разузнавачите на САД, кои за тоа го брифирале штабот на Трамп, за можни обиди за атентат врз него од страна на Иран, и тоа со употреба на беспилотни летала или ракети, истакнува „Вашингтон пост“.
Во своите говори Трамп жестоко го напаѓа Иран и бара „срамнување со земја“ на неговите воени и нуклеарни постројки поради иранската помош за Хезболах и Хамас, кои цела година го напаѓаат Израел. Во одговор на тоа Израел води воена кампања за нивно уништување, додeка Трамп се позиционира како голем пријател и поддржувач на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој со него телефонски разговараше веќе неколкупати.
Од Белата куќа синоќа изјавија дека претседателот Џо Бајден наредил заштитата на Трамп да биде на највисоко можно ниво.