Националната галерија на Македонија организира ретроспективнaта изложба на Танас Луловски Тане, еден од доајените на македонското современо сликарство, која вечер од 19 часот ќе биде отворена во Даут-пашиниот амам.
Издавачката куќа „Готен“ од 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар организира Вечер на балтичката литература – промоција на романот „Јелгава ’94“ од летонскиот писател Јанис Јоневс и на збирката раскази „Стакларница“ од полскиот писател Даниел Одија.
Во Паркот на Франкофонијата вечер од 19 часот ќе се одржи мултимедијален авторски настан на композиторката Ана Пандевска, насловен „Зимски пејзаж“. На програмата ќе бидат три композиции од опусот електроакустична музика на Пандевска, а во изведба на пијанистката Дуња Иванова.
Сојузот на литературни преведувачи на Македонија денеска на свечен собир ќе ги додели годишните награди за книжевен превод.
Македонската опера и балет на 25 декември премиерно ќе го изведе балетот во два чина „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ од Хрватска, а диригент Бисера Чадловска. Од МОБ денеска на прес-конференција соопштија дека симбиозата на два руски великана во класичната литература и музика е преточена во современа претстава од 21 век, која е сепак во класични рамки и со богата балетска лексика.
Афористичарот Миле Ѓорѓијоски ја објави втората книга од едицијата „Трагачи по парадокси“. Во македонско-српското издание застапени се 28 автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Полска и Русија.
Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) денеска од 17 часот во „Јавна соба“ ќе организира разговор со стипендистката од Фиџи Рошика Део за нејзиното искуство и вклучување на жените во политика во кревките средини.
Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА денеска организира завршна презентација од проектот „Млади Европејци – Млада Европа на Балканот“, поддржан од Министерството за култура.
Содржини посветени на македонската и светска книжевност, со акцент на италијанската поезија носи на своите страници 64-иот број на списанието за книжевност и култура АКТ.
Промоцијата на три книги во издание на МАНУ посветени на Блаже Конески е израз на посебно почитување и пиетет што Академијата континуирано го негува кон својот втемелувач и прв претседател, кој влегува во редот на нашите најмаркантни личности и национални фигури, чие дело е вградено во темелите на МАНУ, рече претседателот на Академијата Таки Фити на претставувањето на трите нови изданија за Конески.