Нова одлична партија на Нејмар, но оценката на поголем дел од медиумите е дека француската Лига 1 за него е многу лесна - на два натпревари постигна три гола и исто толку намести.

Синоќа направи вистинско шоу на натпреварот против Тулуз, и наместо да се радува, тој зборуваше за Барселона.

„Разочаран сум, сè што се случи покажува какви луѓе се во прашање. Четири години бев дел од клубот, со соиграчите немав проблеми, но таму има доста погрешни луѓе во управата. Едноставно не би требало да бидат таму“, изјави Нејмар.

Веднаш стигна и одговор од каталонскиот клуб:

„Тој некогаш играше овде, но сега е минато. Не треба да ја префрла вината на некој друг, тоа беше негова одлука, направивме сè да остане тука. Ја почитуваме неговата одлука, тоа е негова работа, но нека не нè вовлекува во расправија. Тој е минато за Барселона“, кажа Бартомеу.

Судирот се однесува на неисплатениот бонус за лојалноста на Нејмар сениор од 26 милиони евра поради што целата работа ќе заврши на суд. Бонусот му бил ветен на таткото на Нејмар кога минатото лето место трансфер во ПСЖ Бразилецот остана во Барселона и потпиша нов договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2017 21:22