Англискиот премиерлигаш Манчестер сити е подготвен да ја плати откупната клаузула за Лионел Меси во висина од 300 милиони евра.

Медиумите на Островот ја пренесоа информацијата дека челниците на Сити се подготвуваат да пратат официјална понуда за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и да извршат дополнителен притисок на Барселона.

Доколку дојде до вакво сценарио на испит ќе биде верноста на Меси кон каталонскиот гигант затоа што Сити ќе може да преговара со играчот и неговите претставници.

Аргентинецот уште не потпишал нов договор со вицешампионот на Шпанија, иако Барселона пред два месеци објави дека тоа ќе се случи наскоро, а тоа очигледно сака да го искористи Пеп Гвардиола и да го донесе играчот со кој ја покори Европа.

Меси ги подгреа овие шпекулации со тоа што го заследи официјалниот профил на клубот од Манчестер на социјалната мрежа „инстаграм“.

Меси наводно е незадоволен од политиката на клубот и начинот на кој е воден од претседателот Бартомеу, па бурно реагирал по заминувањето на Нејмар. Според каталонските медиуми тој инсистирал на доведување засилувања за да може екипата да биде конкурентна на Реал Мадрид.

Аргентинецот со понудениот договор би требало да се обврзе на соработка со 2021 година со клубот со кој досега освои 30 трофеи.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2017 21:25