Бразилскиот фудбалер Фелипе Кутињо останува во Ливерпул и покрај најавите за можен трансфер во Барселона. Каталонскиот клуб пред неколку дена објави дека ќе испрати уште една понуда за бразилскиот фудбалер во вредност од 118 милиони фунти, па ако „црвените“ одбијат ќе се откажат од обидите да го доведат во своите редови.
Понудата беше испратена, а одговорот од „Енфилд“ стигна експресно и во него се вели дека Бразилецот не е на продажба.
25-годишниот фудбалер во неколку наврати разговараше со челниците на Ливерпул признавајќи им дека сака да замине, но неговата желба барем во овој преоден рок нема да биде исполнета.
Барселона од продажбата на Нејмар заработи 222 милиони евра, па симпатизерите на клубот очекуваат големи засилувања за тие пари, а и првата ѕвезда Лионел Меси побара од раководството ангажирање на нови играчи за создавање конкурентен тим за врвни резултати.