Македонскиот шампион Вардар утре ќе го му гостува на Фенербахче, дуел кој што може да донесе историски пласман во групна фаза од фудбалската Лига на Европа.

„Црвено-црните“ во Истанбул носат предност од 2:0 остварена на мечот во Скопје, а стрелецот на првиот гол од тој натпревар Тигран Барсегјан се надева на пласман во групите.

– Резултатот од првиот натпревар е добар, но не е гаранција дека сигурно ќе поминеме понатаму. Имаме шанса да направиме нешто големо, и ќе дадеме се од себе за поволен резултат на реваншот против Фенербахче. Мораме да бидеме концентрирани во текот на целиот натпревар. Играме против еден голем тим кој што има одлични играчи во своите редови. Меѓутоа на првиот меч и на претходните натпревари покажавме дека ако функционираме како тим, можеме да победиме секого. Секако дека мене ми е драго што постигнав гол на првиот натпревар, и нормално посакувам да биде така и на реваншот, но во преден план е Вардар да излезе како севкупен победник, вели Барсегјан.

Натпреварот на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул ќе се одигра утревечер со почеток во 19 часот и 30 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2017 21:23