Украинецот Андриј Јармоленко кој досега настапуваше за Динамо Киев одлучи кариерата да ја продолжи во Борусија Дортмунд.
27-годишниот фудбалер кој игра во нападот потпиша четиригодишен договор со бундеслигашот, соопшти клубот од Дортмунд.
– Среќен сум што доаѓам во Борусија. Ми се исполни желбата да играм во една од најсилните лиги на светот. Ќе продолжам да работам напорно и ќе се обидам да дадам придонес во постигнување што е можно подобри резултати со мојот нов клуб. А на досегашниот мој клуб, Динамо Киев, голема благодарност за се што ми пружи до сега и за тоа што ми овозможи да заминам во Борусија, изјави Јармоленко.
Во својата кариера Јармоленко има настапено на 339 натпревари и постигнато 137 голови за Динамо Киев. За репрезентацијата на Украина одиграл 68 натпревари и постигнал 29 погодоци.
Три пати е прогласуван за најдобар фудбалер на Украина, во 2013, 2014 и 2015 година.