Усман Дембеле, новиот фудбалер на Барселона, изјави дека е уште е далеку од тоа да го споредуваат со Нејмар, како и дека се радува што ќе има можност да учи од Лионел Меси.
„Има разлика меѓу мене и Нејмар. Тој е еден од најдобрите фудбалери на светот, тој е одличен. Јас сум млад, одиграв само две сезони како професионалец. Се обидувам да учам секој ден, се обидувам да напредувам“, изјави Дембеле на претставувањето.
Францускиот фудбалер вчера ги поминал медицинските прегледи и потпиша петгодишен договор со Барселона, а потоа беше официјално претставен.
Тој изјави дека сонот му бил да игра во клубот за кого навива од мал и додаде дека се радува што ќе игра заедно со Аргентинецот Лионел Меси.
„Сакам да учам од него. Тој е фантастичен играч, најдобар во историјата. Ќе ми биде чест да играм во неговиот тим. Сакам да видам како игра, сакам да видам што работи на теренот и надвор од него. Дојдов да учам“, изјави 20-годишниот Дембеле, кој во новиот клуб ќе го носи дресот со бројот 11, кој до трансферот во ПСЖ го носеше Нејмар.
Барселона на Борусија од Дортмунд за трансферот на Дембеле ѝ платила 105 милиони евра, со тоа што со бонусите тој трансфер би можело да достигне цифра од 147 милиони евра. Откупната клаузула во неговиот договор изнесува 400 милиони евра.
„Важно е да ја работам својата работа на теренот, висината на трансферот не ми создава притисок“, изјави францускиот фудбалер.
Дембеле вчера го поздравија околу 17.000 навивачи на „Камп ноу“, и покрај тоа што презентацијата била одложена за околу два часа поради бирократските проблеми кои го одложиле потпишувањето на договорот.