Серхио Агуеро, фудбалерот на Манчестер сити, денес изјави дека би можело да го напушти клубот по истекувањето на договорот во 2019 година и да се врати во Индепендиенте.

Агуеро во 2011 година направи трансфер од Атлетико Мадрид во Манчестер сити, а кариерата ја почна во Индепендиенте.

Тој изјави дека отсекогаш размислувал за тоа да се врати во клубот од Буенос Аирес. Агуеро би можело да го продолжи договорот со Сити на уште една година и изјави дека и тоа е опција.

„Некаде прочитав дека Милан и Реал Мадрид се заинтересирани за мене, навеле дека тие клубови го расипале сонот на Индепендиенте. Но отсекогаш сум размислувал да се вратам кога ќе ми истече договорот со Сити во 2019 година. Можам да го продолжам договорот, но идејата е да се вратам“, изјави Агуеро, пренесе „Скај“.

По 11 одиграни кола во Премиер лигата, Сити е прв на табелата со 31 бод и е единствена непоразена екипа во првенството, има осум бодови повеќе од градскиот ривал Јунајтед.

„Моментно добро ми оди и се надевам дека ќе ја освоиме титулата, но нема да биде лесно“, додаде 29-годишниот напаѓач.

Тој за шест години во Сити стана најдобар стрелец во клупската историја - во натпреварот против Наполи во Лигата на шампионите го постигна 178-миот гол и го собори рекордот на Ерик Брук. Агуеро со Сити освои две шампионски титули, два пати Лига купот и Комјунити шилд.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2017 03:13